Поранешниот бразилски репрезентативец Роналдо изјави дека Килјан Мбапе ќе ја освои Златната топка доколку потпише договор со Реал Мадрид.
Мбапе има договор со Пари Сен-Жермен до крајот на сезонава. Тој постојано одбиваше да ја продолжи соработката со клубот од Париз, бидејќи наводно се согласил да се пресели во Реал на крајот од сезоната.
„Треба да почекаме да биде официјално објавено пред да навлеземе во детали, но јасно е дека сите едвај чекаат Мбапе да замине во Мадрид. Тој е неверојатен играч“, изјави Роналдо, а пренесува Daily Mail.
„Знам точно што ќе се случи кога Мбапе ќе дојде во Мадрид. Тој ќе стане најдобар играч и ќе ја освои Златната топка. Мислам дека тоа е добар избор за него“, додаде поранешниот бразилски репрезентативец.
Роналдо (47) играше за Реал Мадрид од 2002 до 2007 година. Таму дојде од редовите на Интер, а претходно, интересно, играше за Барселона.
„Не знам која е вистината, но луѓето зборуваат за заминување на Мбапе од Пари Сен-Жермен. Секако, тој ќе има тим во Реал кој ќе го поддржи во каква било одлука што ќе ја донесе. Во Мадрид тој ќе има тим кој ќе му помогне и на теренот и надвор од него. Ќе го заштитат. Имаше добри моменти во ПСЖ, беше голема ѕвезда“, изјави Роналдо.