Целата кино индустрија е на работ на колапс, според TorrentFreak 127 руски киносали прибегнале кон пиратерија. Пред неколку недели околу 16 кина прикажуваа пиратски копии од последните холивудски филмови, а минатава недела бројот се искачи на 127.
Веднаш по почетокот на војната со Украина, најголемите филмски студија си заминаа од Русија. Без оглед на богатата руска кинематографија, Асоцијацијата на филмски работници и установи во оваа земја соопшти дека ова може да биде пресилен удар за сите кои работат во седмата уметност.
Најголемите филмски студија од Холивуд како Sony, Paramount, Warner Bros. и Disney се повлекоа од Русија, а си заминаа и стриминг сервисите како Netflix и Spotify.
Веќе пет месеци трае руската инвазија во Украина, а последиците се чувствуваат глобално. Освен човечки жртви, економска и светска криза, енергетска криза и слично, последици има и во филмската индустрија.
Претседателот на Асоцијацијата, Алексеј Воронков сега вели дека не ги обвинува кината за прикажување пиратски копии. Според сознанијата на TorrentFreak, неколку градови веќе преминаа на торент извори на холивудски блокбастер филмови.
Нема податоци за тоа кој стои зад илегалните прикажувања во кината, особено затоа што некои од нив тврдат дека не се организатори на пиратски проекции туку поединци ги прикажуваат во склоп на приватни организации „со кои управата на киното нема директна врска“.
Асоцијацијата на филмски работници во Русија претходно го осуди ваквиот развој на работите и наведе во соопштение дека „земјата се враќа во состојба на 90-тите години од минатиот век“.
Многумина сметаат дека Русите едноставно се принудени на ова, но сепак ништо не го оправдува ваквото однесување кое е кршење на авторските и другите права, па не е јасно дали и кој ќе одговара за тоа.
Ниту едно холивудско студио не сака да ги коментира овие настани во Русија, пишува TorrentFreak.