Туркије - кој го силува македонскиот јазик?

Во последно време сѐ почесто сме сведоци на погрешна употреба на името за државата Турција кое иако на македонски јазик воопшто не е променето, некои на своја рака си играат мајтап со нашиот јазик, речиси сигурно од незнаење.

„Oпштина Аеродром ќе обезбеди средства за настраданите од земјотресот во Туркије и Сирија“.

„Солидарност и грижа за Туркије и Сирија!“

„Денеска на предлог на Министерството за одбрана Владата донесе одлука за испраќање на дополнителни 36 припадници од специјалните сили обучени за спасување и претрага во урнатини кои ќе учествуваат во хуманитарната операција во Република Туркије“.

Ова се само три примери како во македонскиот јазик на задна врата влегува збор кој воопшто не постои. Првиот пример е од официјална објава на Општина Аеродром, вториот од еден медиум, додека третиот од Facebook профилот на министерката за одбрана, која, рака на срце, по реакцијата на јавноста во наредните објави се поправи.

Ако за обичниот народ е нормално да биде збунет од промената на името која Турција ја направи, недозволиво е медиуми и државни органи да не си го познаваат сопствениот јазик.

Забуната настана кога во јуни минатата година Обединетите нации го усвоија официјалното барање на Анкара за промена на англиското име на Турција, со што земјата во ОН од Turkey стана Türkiye.

Разбирлива и оправдана е причината поради која Турција се реши на ваков чекор со оглед на тоа што англиското име Turkey истовремено на англиски значи и мисирка, само со мала почетна буква (turkey).

Türkiye на македонски е Турција

Од тој момент куп македонски медиуми се излажаа и почнаа јавноста да ја информираат користејќи некој вид на македонизирана кирилична варијанта на Türkiye, односно Туркије. Согласно правилата за транскрипција на странски имиња во Правописот на македонскиот литературен јазик, Туркије навистина би било точна варијанта - само што... не постои!

Откако почнаа да се пишуваат глупости, најмногу по електронските медиуми, претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, уште во јули објасни што оваа промена значи за македонскиот јазик.

„Ние си имаме наша транскрипција. На пример, не велиме Финланд, туку Финска, не велиме Дојчланд, туку Германија, не велиме Шќиперија, туку Албанија. Или, на пример, кај нас не е Београд, туку Белград. Во ред би било ако се пишува од влада до влада да стои и новото име во заграда, но за наша домашна употреба останува исто - Турција, а со тоа и изведенките си остануваат исти“, објасни професорот во изјава за Факултети.мк.

Така, во македонскиот јазик никогаш не настана промена на името на оваа наша пријателска држава. Официјална Анкара има право да побара од нашата влада да се промени македонското име за оваа држава, но исто така нашата влада има право да не го прифати тоа барања бидејќи сепак е мешање во самиот македонски јазик.

Грузија сакаше да стане Џорџија

Такво барање пред 12 години имаше доставено владата на Грузија која побара македонското име Грузија да биде заменето со англиското Џорџија или оригиналното Сакартвело (или Сакартвелија). На англиски Грузија се вика Georgia, што во македонскиот јазик би било исто како сојузната американска држава Џорџија, додека на својот грузиски јазик се нарекува Sakartvelo (საქართველო), што би било крајно необично за нашиот народ. Барањето на Грузија беше поради тоа што името Грузија доаѓа од руското име за државата - Грузия, а земјата тогаш беше во војна со Русија. Македонската влада го одби овој предлог и Грузија си остана Грузија.

реклама

Теми и коментари

Ден на планетата Земја: Како со нашите модни избори гласаме за иднината?

Read more

Зошто смртната казна нема да спречи свирепи убиства?

Read more

Зошто театарот ни е потребен повеќе од кога било?

Read more

Моќта на гласачкото ливче: 5 причини зошто треба да гласате

Read more
 

Ново

Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петров и Сарај

Читај повеќе

Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено

Читај повеќе

Стјуардеса ги откри најдобрите места за деца и зошто родителите со бебе не треба да летаат ноќе

Читај повеќе

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Читај повеќе

Бран насилство во Хаити: илјадници мртви, премиерот поднесе оставка

Читај повеќе

Кјеза: Заминувам ако Алегри остане тренер

Читај повеќе

PUBG буди носталгија и се враќа на оригиналната мапа од нејзиниот почеток

Читај повеќе

Русија најави: Ги преместуваме системите Искандер на границата со Финска

Читај повеќе

Османи победи во Торонто

Читај повеќе