Археолози во Грузија открија заб стар 1,8 милиони години кој припаѓа на видот на првиот хомо еректус, што ја зајакнува теоријата на научниците дека првите праисториски населби во Европа постоеле во тој регион, каде што стигнал од Африка.
Забот е пронајден во близина на селото Орозмани, на околу сто километри југоисточно од грузиската престолнина Тбилиси, во близина на локацијата Дманиси, каде кон крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите биле пронајдени човечки черепи стари 1,8 милиони години.
Локалитетот Дманиси е најстарото такво откритие надвор од Африка и го промени научното поимање за раната човечка еволуција и човечката миграција.
Едно од првите места каде луѓето дошле од Африка
Најновото откритие, пронајдено на локација оддалечена 20 километри, дава дополнителен доказ дека планинскиот регион на јужен Кавказ веројатно бил едно од првите места каде што се населиле човечки заедници по миграцијата од Африка, велат експертите.
„Орозмани и Дманиси се центри на најстарата населба на човекот - раниот хомо еректус - во светот надвор од Африка“, објави вчера Националниот центар за археолошки истражувања и праисторија во Грузија по наоѓањето на забот.
Георги Биџинашвили, раководител на научната археолошка група, смета дека забот му припаѓал на „роднина“ на Зезва и Мзија, двата комплетни фосилизирани черепи стари 1,8 милиони години пронајдени на локалитетот Дманиси.
Најстариот човечки фосил е најден во Етиопија
„Голема е важноста на ова откритие што потврдува дека луѓето ја напуштиле Африка пред 1,8 милиони години“, вели британскиот студент по археологија кој прв го ископал забот на локалитетот Орозмани.
„Тоа ја зацврстува Грузија како навистина важно место за палеоантропологијата и човечката историја воопшто“, рече тој.
Најстариот човечки фосил во светот е стар 2,8 милиони години и е дел од вилица откриена на тлото на денешна Етиопија.
Научниците веруваат дека раните луѓе, хомо еректус, кои биле ловци-собирачи, веројатно тргнале од Африка пред околу два милиони години.
Древна алатка стара 2,1 милиони години е пронајдена во денешна Кина, но остатоци од првиот хомо еректус надвор од Африка досега се најдени само во Грузија.