Фудбалскиот прволигаш од Велес во сабота ќе одигра ревијален натпревар со српски Вождовац по повод роденденската прослава за 100 години од формирањето.
По тетовски Љуботен кој уште на пролет го прослави стоттиот роденден, сега дојде ред и на Борец. И велешкиот клуб е формарин во истата година како тетовчани, 1919, но неколку месеци покасно. Затоа Љуботен е официјално најстариот македонски активен клуб.
Борец роденденот ќе го прослави со пријателски натпревар против Вождовац кој ќе се игра во сабота на стадионот со вештачка трева „Зоран Паунов“ со почеток во 16 часот.
„Најстариот клуб во нашата земја одбележува 100 години, решивме по овој повод да организираме пријателски натпревар со Вождовац од Белград, екипа во која неодамна премина и играчот од редовите на Борец, Марко Горгиевски. Очекувам како и досега полни триби. Задоволство ми е што ги вративме навивачите на трибините. Очекувам навивачите да уживаат во фудбалот и сите заедно да го одбележиме овој значаен јубилеј на ФК Борец и на градот Велес“, МИА ја пренесува изјавата на сопственикот на клубот, Кочо Анѓушев.
Велешкиот клуб е формиран под името Напредок, кратко време се викал и Црвена Ѕвезда, а од 1926 година е познат како Борец, гордоста на Велес. Од попознатите играчи кои играле за Борец се издвојуваат Јосе Николов, Трајче Ковачев, Зоран Паунов, Зоран Петковски, Илчо Боров и Панче Ќумбев.
Во сезоната 1988/89 ја освои тогашната Републичка лига на Македонија, односно трето ниво во Југославија. По независноста двапати беше најдобар во второлигашката конкуренција во 1996/97 и минатата сезона 2018/19 кога по пауза од долги 18 години се врати во Првата лига.