Латералниот бек на „Нераѕурите“ предупредува дека неговите соиграчи не смеат да се опуштат и прерано да почнат со славје на долгоочекуваното Скудето.
Интер синоќа го совлада Сасуоло во одложениот натпревар од пред репрезентативната пауза и врза 10 победи во низа, а искористувајќи ги киксовите на конкурентите направи разлика од +11 во однос на второпласираниот Милан, +12 пред Јувентус и +13 пред Аталанта.
„Имаме одлична предност, но Скудетото сѐ уште не ни е в џеб. Мора и математички да го освоиме“, вели Матео Дармјан зборувајќи за DAZN.
„Ќе продолжиме да излегуваме на терен со намера да победиме што е можно повеќе натпревари. Не смееме да славиме додека Скудетото не е навистина наше“.
Десниот бек на почетокот од октомври дојде во Интер како позајмен од Парма, но летово за сума од 2,5 милиони евра ќе биде откупен.
„Конте и натаму го очекува најдоброто од секој од нас, не сака да нѐ види заситени. Мораме да продолжиме на истиов начин, а викендов ќе имаме вистински тест за тоа“, додава тој.
Дармјан зборува за неделниот натпревар против слабиот Каљари, еден од главните кандидати за преселба во Серија Би. Вистински шампионски тим мора да покаже карактер и да го совлада противникот кој несомнено ќе биде мотивиран.