Вчеравечер започна ерупција во калдерата на врвот на Мауна Лоа, најголемиот активен вулкан во светот, соопшти службата за вулканска активност на Американската геолошка служба (USGS).
„Во овој момент, течењето лава е ограничено на областа на врвот и не ги загрозуваат заедниците околу хавајскиот вулкан“, се вели во известувањето.
Сепак, се предупредува дека, врз основа на претходните настани, раните фази на ерупција на овој вулкан може да бидат многу динамични, а локацијата и напредувањето на млазовите лава може брзо да се променат.
Нивото на тревога за вулканска ерупција беше надградено од „се советува“ на „се предупредува“.
Во известувањето се додава дека Хавајската вулканска опсерваторија (Hawaiian Volcano Observatory - HVO) ќе спроведе воздушно извидување што е можно поскоро за да ги процени опасностите и подобро да ја опише ерупцијата.
Над десетина земјотреси со јачина од над 2,5 степени според Рихтеровата скала го погодија регионот во последните два часа, според USGS, при што еден од нив беше со јачина од 4,2 степени.
Мауна Лоа, кој зафаќа повеќе од половина од Големиот остров на Хаваите и се издига 4.169 метри над Тихиот Океан, последен пат еруптираше во март и април 1984 година, испраќајќи проток на лава на 8,05 километри од градот Хило.