Европската комисија повика на проширување на Шенген зоната кон Хрватска, Бугарија и Романија, кои ги исполнуваат сите технички критериуми за членство во област каде што нема гранични контроли меѓу земјите-членки.
Комисијата претстави стратегија за „посилна и поотпорна“ Шенген зона, која вклучува проширување на таа област на земјите-членки на ЕУ кои сè уште не се дел од таа област.
„Иднината на Шенген мора да биде обележана со проширување кон оние земји-членки кои сè уште не се дел од Шенген-зоната. Овие се легитимни очекувања и законска обврска за оние земји кои се оценуваат дека се подготвени да се приклучат“, велат од Комисијата.
Денешниот Шенген се состои од 26 земји, вклучително и четири кои не се членки на Унијата: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Сите земји-членки на Европската унија, освен Хрватска, Бугарија, Романија, Кипар и Ирска се дел од Шенген зоната. Првите три земји ги исполнуваат сите технички критериуми и сега е на земјите-членки да донесат политичка одлука за нивниот прием. Кипар не ги исполнува условите затоа што не ја контролира целосно својата територија, додека Ирска не сака да се приклучи на Шенген бидејќи во спротивно ќе мора да воведе гранични контроли со Северна Ирска, што е спротивно на мировниот договор постигнат на Велики петок 1998 година, кој го заврши конфликтот во Северна Ирска, која е дел од Велика Британија.
„Се надевам дека Советот ќе донесе одлука што е можно поскоро за приемот на Хрватска, Бугарија и Романија во Шенген зоната“, рече комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон.
Една од главните цели на стратегијата е да се обезбеди ефикасно управување со надворешните граници. Комисијата наведува дека тоа треба да се постигне преку распоредување на Европската гранична и крајбрежна стража и преку создавање на интероперативен систем за управување со информации и управување со миграцијата до 2023 година.
Следната цел е зајакнување на Шенген однатре, со тесна соработка меѓу земјите-членки за спречување и борба против безбедносните закани со цел да се елиминира недостатокот на контроли на внатрешната граница.
Комисијата исто така предложи реформа на системот за проценка и механизмот за набљудување, а подоцна оваа година Комисијата ќе предложи реформа на Шенгенскиот законик. Реформата на системот за проценка предвидува ненајавени контроли на Комисијата на границите. Досега, овие контроли обично беа објавувани 24 часа пред почетокот. Оваа промена ќе се обиде брзо да ги идентификува најслабите врски меѓу земјите-членки, така што овие недостатоци можат брзо да се решат.