Многу реакции во јавноста предизвика изоставувањето на најдобриот стрелец Влатко Стојановски од изборот за најдобар фудбалер на изминатата сезона во Првата лига, па ФФМ проба да објасни зошто постапила така.
„Влатко Стојановски како најдобар стрелец ќе добие автоматска награда за која нема потреба од гласање (бројот на голови од минатата сезона е непроменлив). На гласање се ставени само категориите кои имаат повеќе номинации и не можат да се утврдат добитниците на наградите автоматски“, стои во објаснувањето на Фудбалската федерација на Македонија кое го објавија на Facebook.
Сепак, ниту ова објаснување не го побива фактот што Стојановски заслужи да ја брка и наградата за фудбалер на сезоната. Тоа што беше најдобар стрелец не му го одзема правото да биде и најдобар фудбалер. Дали Лео Меси или Кристијано Роналдо ги лишиле од избор за фудбалер на сезоната само затоа што добиле награда за најдобар стрелец која автоматски им следува? Дали најдобриот стрелец не смее да биде и најдобар играч? Изгледа кај нас не смее.
Овој пат ФФМ ја утна работата. Изборот за играч на сезоната 2018/19 во Првата лига без фудбалерот кој жареше и палеше на терените ширум државава изгледа комичен. Нелогично е играч да се лиши од избор за најдобар затоа што веќе земал награда за најдобар стрелец.
Со 18 голови и 5 асистенции на 32 одиграни натпревари, 22-годишниот напаѓач беше најдобар голгетер минатата сезона настапувајќи за Ренова. Тоа потоа му донесе и трансфер во француски Ним, а стана и репрезентативец на Македонија за кој уште на дебито во Виена против Австрија постигна гол.