Италија од денеска почнува со олабавување на рестриктивните мерки, што подразбира и дозвола за индивидуални тренинзи за професионалните спортисти.
Италијанскиот министер за спорт Винченцо Спадафора побрза да ја објасни ситуацијата, откако дозволата за тренинзи беше погрешно сфатена дека фудбалските клубови ќе се вратат на терен.
„Од денеска, 4 мај, карантинските мерки во земјава слабеат и неколку екипи соопштија дека наскоро ќе ги продолжат своите колективни активности, иако со некои ограничувања“, напиша тој на Facebook и дообјасни дека на тимовите не им е дозволено да тренираат заедно до 18 мај.
„Читам најчудни работи во медиумите! Но, што се однесува до фудбалот, работите не се променети и на тимовите не им е дозволено да тренираат во моментот. Барем до 18 мај“, напиша италијанскиот министер за спорт на социјалната мрежа.
Шампионатот во Италија беше суспендиран на почетокот на март поради пандемијата на коронавирус.