Навивачите на Милан во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите ги навредија гостите од Неапол со шифрирана порака која е разоткриена дури со помош на интернетот и тоа апликацијата Google Maps.
Милан со 1:0 го совлада Наполи и со гол предност ќе патува на реваншот наредниот вторник во Неапол. На „Џузепе Меаца“ синоќа владееше спекаткуларна атмосфера, за која се погрижија навивачите.
Над 75 илјади навивачи на Милан приредија кореографија преку сите четири трибини на овој познат стадион. Поддршката траеше цели 90 минути, а особено се истакна еден транспарент кој домашните го посветија на гостите од југот.
Имено, групата Курва Суд истакна шифриран текст на кој стоеше адреса: Via Raffaele Stasi 40/46 (NA). На прв момент никому не му беше јасно за што станува збор.
Но, подоцна, преку користење на Google Maps апликацијата се откри пораката што оваа адреса ја испраќа, а воедно и навредата што навивачите на Милан ја упатија до жителите на Неапол.
Станува збор за адреса што води до компанијата Acqua e Sapone, која се наоѓа токму во Неапол и која произведува сапуни, парфеми и други производи за хигиена. Како што веќе знаеме, градот Неапол го бие глас дека е еден од највалканите градови на сиромашниот италијански југ. Оние што сакаат да ги навредат неаполитанците, за нивниот град велат дека е „депонија“ или „канализација“, поради бројните маала што пливаат во ѓубре.
Нема дилеми дека ривалството меѓу овие два тима е веќе зовриено, па реваншот на „Диего Армандо Марадона“ ќе биде интересен не само на зелениот терен, туку и на трибините.