Квалификацискиот фудбалски натпревар помеѓу Шпанија и Косово треба да се одигра на 31 месецов, но ставен е под знак прашалник поради политички причини.
Шпанија не го признава Косово како независна држава и поради тоа не дозволува интонирање на косовската химна „Европа“, како и истакнување на државното знаме на Косово за време на натпреварот кој треба да се одигра на „Ла Картуха“ стадионот во Севиља во рамките на квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар 2022.
Вакви наредби упати шпанското Министерство за надворешни работи кое нагласи дека Косово не е држава и не може како такво да биде третирано на шпанско тло.
„Шпанија не игра против Косово, туку против екипа од територијата на Косово“, наведува министерството. Токму затоа не може да добие ист третман како репрезентацијата на Шпанија.
„Потегот на Шпанците е залуден и неправеден. Ние сме држава која ја признаваат поголемиот дел најразвиени и најдемократски земји во светот, а членка сме на УЕФА и на ФИФА. Правилата на УЕФА и на ФИФА се кристално јасни и Шпанците тоа го знаат и не смеат да ги менуваат. Натпреварот ќе го играме само под нашата химна и знаме. Во спротивно, нема да излеземе на терен“, соопшти Фудбалската федерација на Косово.
Поради проблемот со непризнавањето, УЕФА воведе правило при квалификациските жрепки репрезентација на Косово да не може да се падне во иста група со Србија, Русија и Босна и Херцеговина. Зошто Шпанија не побарала исто да важи и за нив, не е познато. Шпанија има побарано единствено да не се падне со Гибралтар кого го смета за дел од својата територија, а е под контрола на Обединетото Кралство.
Досега и други земји кои играа со Косово, а не го признаваа, проблемот го решаваа со играње на неутрален терен. Украина не дозволи косовската репрезентација ниту да допатува на украинско тло, па го пречека во полски Краков во квалификациите за Мундијалот 2018. Молдавија лани во Лигата на нации исто така не дозволи Косово да дојде кај нив, па го пречека во италијанска Парма, иако потоа Молдавците отпатуваа во Приштина. Украина тогаш немаше проблем за реваншот бидејко Косово секако играше како домаќин во Албанија бидејќи сѐ уште немаше стадион кој ги исполнува минималните услови за меѓународен фудбал.
Проблем имаше и Црна Гора чии фудбалери одбиваа да играат со Косово во квалификациите за ЕУРО 2020, па дури и селекторот доби отказ откако и тој одби да ја води репрезентацијата против непризнаената држава, која Црна Гора всушност ја има признаено.
Оттаму, нејасно е зошто УЕФА воопшто дозволи држави кои не го имаат признаено Косово да треба да играат против оваа репрезентација.
Сличен проблем имаше и Македонија во првите години по независноста кога проблем беа и знамето и химната поради притисоците од Грција. Со тоа што Македонија сите ја признаваа, но Грците бараа да не се истакнува тогашното знаме и да не се интонира химната бидејќи во неа се пее за Македонија.
Шпанија и Косово се во групата Б заедно со Шведска, Грција и Грузија. Од цела група, само Шведска го признава Косово. Грција веќе играше против нив и не направи проблем.