Раководството на Филаделфија реши да преземе ризик и да му даде долгорочен, многу богат договор на нивниот млад центар Жоел Ембиид. Тој доцна вечерта потпиша петгодишен договор, вреден 148 милиони долари.
Жоел Ембиид стана еден од најплатените играчи во НБА, откако вчера вечерта потпиша нов договор со тимот на Филаделфија Сиксерс.
Ембиид стави потпис на петгодишен договор вреден 148 милиони долари. Тој има одиграно само 31 натпревар за тимот, иако е во НБА лигата веќе три години.
Откако Ембиид беше драфтуван, тој имаше големи проблеми со повредите. Во минатата сезона заигра некаде на почетокот на сезоната, и со ограничената минутажа која ја имаше, беше еден од најдобрите играчи во лигата, постигнувајќи преку 20 поени и 8 скокови, во само 25 минути игра по натревар. Но, набрзо ја обнови повредата и не се врати до крајот на сезоната.
Чисто за да послужи како илустрација, да ги споредиме бројките на Мајкл Џордан (веројатно најдобриот кошаркар на сите времиња) и Жоел Ембиид.
Мајкл Џордан во кариерата има постигнато 32.292 поени во НБА лигата, а има вкупна заработка во текот на кариерата од 90.235.000 долари. Од друга страна, Жоел Ембиид има постигнато 627 поени, а потпиша договор кој му гарантира заработка од 148.000.000 милиони долари во наредните 5 години.
Сепак, ова може да се покаже како одличен потег на тимот на Филаделфија, бидејќи по крајот на оваа сезона Ембиид требаше да стане слободен агент, а тогаш, многу тимови ќе „фрлеа“ огромни суми за да го намамат во нивните редови.