Селекторот на Аргентина откри дека Лео Меси имал доста проблеми по заразувањето со коронавирусот и дека тоа е причината поради која нема да игра за Аргентина деновиве.
Пред Нова година Лионел Меси се зарази со коронавирусот на забава во својата татковина. Подолго од очекуваното се опоравуваше и ги пропушти првите три натпревари на ПСЖ во јануари, а се врати пред четири дена играјќи ги последните 27 минути од лигашкиот натпревар со Рамс.
Но, иако се врати на теренот, Меси нема да биде дел од аргентинската репрезентација на претстојните два квалификациски натпревари за пласман на Мундијалот во Катар.
„Нормално дека би сакале да го имаме Меси тука со нас. Зборував со него и тој ми кажа дека ковидот доста јако го удрил. Сега важно за него е да се опорави и поради тоа одлучив дека најдобрата опција за него е да остане во својот клуб“, објасни аргентинскиот селектор Лионел Скалони на прес-конференција.
Аргентина вечер после полноќ гоства кај Чиле, а вторник вечерта половина час по полноќ дома ја пречекува Колумбија.
Отсуството на Меси иако ќе биде хендикеп, сепак нема да влијае врз пласманот на Аргентина бидејќи тие веќе обезбедија пласман на Мундијалот.
Она што ќе треба Скалони да го направи е да одбере нов капитен. Откри дека веќе го има направено изборот, а тоа е соиграчот на Меси од ПСЖ - Анхел Ди Марија.
„Прашењето за лентата е многу логично. Анхел е во националниот тим веќе многу години и многу допринесува кон своите соиграчи. Го сакаат и тоа е доволно. Воопшто не се двоумев околу изборот“, рече Скалони.