На излегување по неколку часовниот распит кај судија на претходна постапка, поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, синоќа не сакаше да коментира како ќе се брани, само кусо изјави во движење: Не се чувствувам виновен.
На Тодоровиќ му беше определена мерка домашен притвор.
Одредени се и четири ефективни притвори, од кои еден е за експретседателот на Советот на општина Центар, Владимир Здравев. Другите се за Љ.Б., А.З. и З.П.
Здравев при апсењето беше затекнат на граница, а Тодоровиќ на аеродром.
Во истрагата на обвинителството „Феникс“ опфатени се 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои еден италијански државјанин и три италијански компании. Се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење на пари за изработка на најголемите споменици од „Скопје 2014“.