За голманот на Баерн заврши тековнава сезона откако доживеа фрактура на ногата додека скијал користејќи ја паузата поради Мундијалот.
Мануел Нојер по разочарувачката елиминација на неговата Германија уште во фазата по групи заминал на скијање каде доживеал несреќа. Голманот на баварскиот гигант ја скршил ногата при пад од скии, повреда поради која за него оваа сезона е завршена.
„Дечки, што да кажам, крајот на годинава дефинитивно можеше да биде подобар“, објави на Instagram германската единица, потврдувајќи дека ќе биде во аут до крајот на сезонава.
„Додека се обидував да си ја избистрам главата скијајќи, доживеав фрактура на долниот дел од ногата. Синоќа операцијата мина добро. Голема благодарност до докторите! Сепак, боли фактот што тековнава сезона за мене е завршена. Чувајте се! Вашиот Мануел!“, додаде тој.
Веројатно 34-годишниот Свен Улрајх ќе биде замената за повредениот Нојер во остатокот од сезоната. Тој веќе настапи на 8 натпревари за Баерн оваа сезона. Баварците го имаат и Алекс Нубел, кој е пратен на позајмица во Монако, па можно е да го вратат во јануари.
Сезоната во Бундеслигата продолжува на 20 јануари кога Баерн игра против Лајпциг.
Откако во 2011 година дојде од редовите на Шалке, Нојер настапи на вкупно 488 натпревари за минхенскиот гигант.