Колумбискиот претседател Густаво Петро, кој силно ги критикуваше акциите на Израел во Газа, нареди отворање на амбасада во Палестина, во градот Рамала.
Ова во средата на новинарите им го потврди министерот за надворешни работи на земјата Луис Жилберто Муриљо.
„Претседателот Петро даде наредба да се отвори колумбиската амбасада во Рамала, претставништвото на Колумбија во Рамала, тоа е следниот чекор што ќе го направиме“, рече Муриљо.
Петро долго ја критикуваше израелската војна во Газа и најави претходно овој месец дека Колумбија ги прекинува дипломатските врски со Израел поради инвазијата во Газа.
Во ноември Петро објави дека Колумбија го отповикала својот амбасадор во Израел поради војната.
„Одлучив да го отповикам нашиот амбасадор во Израел. Ако Израел не го запре масакрот на палестинскиот народ, не можеме да останеме таму“, напиша тогаш Петро.
Еден месец подоцна, тој рече дека израелската операција во Газа против Хамас е како „нацизмот во Германија“.